Почина постариот од браќата ранети при пукањето кај тетовската болница пред 10 дена

Четириесет и едногодишниот А.М. од тетовското село Гајре, кој беше ранет од огнено оружје во престрелка пред Клиничката болница во Тетово, починал на Универзитетска клиника за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ) во Скопје, пренесува МИА.

Ранувањето на А.М. се случи на 11 јануари годинава кога пред Клиничката болница во Тетово имаше вооружен инцидент. Во престрелката беше повреден и неговиот брат, 36-годишниот З.М. кој исто така се наоѓа на лекување на КАРИЛ.

Од СВР Тетово информираа дека, вечерта по пукањето се приведени четири лица кои се сомничат дека се вмешани во вооружениот инцидент.

Според информациите, полициски службеници, вечерта ги лишиле од слобода тетовчаните Р.Т.(35) и М.Т.(44), како и 55-годишната тетовка Ш.Е. и 39-годишното лице Н.М. Полициските службеници, како што велат од СВР Тетово, тргаат по уште едно лице кое се сомничи за инволвираност во инцидентот.

Од СВР Тетово и Обвинителството нема други официјални информации за случајот, кој го води Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.