Поранешниот американски претседател, Доналд Трамп остро го критикуваше актуелниот шеф на државата – Џо Бајден за нападот на позициите на Хутите во Јемен.
Трамп, исто така, се запраша зошто „истата банда“ што се справи со катастрофалното повлекување од Авганистан се фокусира на Хутите, а не на јужната граница на САД каде што е во тек голема мигрантска криза. Тој, исто така, го критикуваше секретарот за одбрана Лојд Остин дека води војна од болнички кревет.
– Да појаснам! Фрламе бомби низ целиот Блиски Исток, каде што ја победив ИСИС, а нашиот секретар за одбрана, кој штотуку исчезна пет дена, води војна од својот лаптоп во болничката соба – напиша Трамп на социјалните мрежи.
Остин и Пентагон, да потсетиме, се соочуваат со критики затоа што Белата куќа и јавноста не биле навреме информирани дека тој ненадејно се разболел по операцијата од рак и бил хоспитализиран со денови.
– Ова е истата банда што се предаде во Авганистан, поради што никој не одговараше и не беше отпуштен од работа. Тоа беше најсрамниот момент во историјата на САД. Сега имаме војни во Украина, Израел и Јемен, но нема војна на нашата јужна граница. О! Тоа има многу смисла! Корумпираниот Џо Бајден е најлошиот претседател во историјата – додаде Трамп.