
Пазарната цена на струјата и енергетската сиромаштија во фокусот на еднонеделна експертска мисија во Министерството за енергетика
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, во соработка со Европската комисија преку инструментот TAIEX, денеска е домаќин на првата TAIEX експертска мисија која ќе трае во текот на целата недела, односно до 13 ноември 2026 година.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, во соработка со Европската комисија преку инструментот TAIEX, денеска е домаќин на првата TAIEX експертска мисија која ќе трае во текот на целата недела, односно до 13 ноември 2026 година.
Главната тема во фокус на оваа експертска мисија е Реформата 2.1.1.2: Соодветни мерки за постепено приспособување на цената на електричната енергија на пазарно ниво придружено со мерки за справување со енергетската сиромаштија што произлегува од обврските од Реформската агенда 2024-2027 година.
Како што се вели во соопштението до медиумите, оваа тема е од суштинско значење за Министерството, кое веќе има постигнато значителен напредок преку воведување на дефинициите во законодавството, донесување на Методологијата за мерење на нивото на енергетската сиромаштија, како и спроведување на годишните Програми за заштитата на ранливите потрошувачи на електрична енергија. Целта на експертската мисијата е да се разменат најновите европски искуства и стандарди во справувањето со енергетската сиромаштија.
На настанот учествуваат претставници од националните институции кои имаат надлежности во оваа област, Регулаторната комисија за енергетика, Хабитат Македонија, како и еминентни меѓународни експерти од Грција и Бугарија (претставници од регулаторното тело RAAEY и Министерствата за енергетика на Бугарија), кои во следните четири дена ќе споделуваат европски практики, методологии и искуства во заштитата на ранливите потрошувачи.
Во следните денови ќе се презентира постигнатиот прогрес во имплементацијата на Реформската агенда од страна на клучните институции како Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, Министерство за социјална политика, демографија и млади, Регулаторната комисија и Државниот завод за статистика, практични искуства од соработката со граѓанскиот сектор (Habitat for Humanity) и воспоставување на методологиите за мерење и справување со енергетската сиромаштија. Исто така ќе се анализира постојната регулатива за малопродажните цени на електричната енергија, постоечките блок тарифи како механизам за заштита, како и размена на компаративните европски искуства и модели за заштита на домаќинствата и микро-потрошувачите на пазарот на електрична енергија.
Во останатиот дел од агендата, ќе биде разгледувана националната социјална заштита и ќе се презентираат грчките и бугарските искуства преку конкретни краткорочни и долгорочни мерки за поддршк, примена на мерки за енергетска ефикасност, како и искуствата за креирање на опсерватории за енергетска сиромаштија. .
Клучни за настанот се препораките и лекциите од регионалните искуства, заштита на потрошувачите во рамките на европскиот „Пакет за граѓаните во енергетиката“ (The Citizens Energy Package), пазарно базираните инструменти за енергетска ефикасност и завршните заклучоци кои треба да произлезат од експертската мисија.
Со реализацијата на овој четиридневен TAIEX настан, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини продолжува посветено да работи на градење одржливи механизми за заштита на ранливите потрошувачи и исполнување на европските реформи во енергетскиот сектор, се вели во соопштенито до медиумите.