
Струковиот синдикат на контролори на летање (ССКЛ) го стави во мирување штрајкот што го најави за утре со целосно затворање на воздушниот сообраќај на македонското небо, откако Владата денеска му препорача на Надзорниот одбор во Македонска навигација М-НАВ да ги разреши претседателот на Управниот одбор на М-НАВ Фахрудин Хамиди и секторскиот извршен директор во М-НАВ Љубе Стаменковски.
-По одлуката на Владата го ставаме штрајкот во сирување. Ова е придвижување на работите.
Ќе ја анализираме целата состојба и случувања и ако има позитивна реализација на препораката од Владата до надзорниот одбор ќе ја повлечеме одлуката за штрајк, изјави за МИА Александар Тасевски, претседател на ССКЛ.
Претходно, од Владата за МИА информираа дека на денешната седница е дадена насока на Надзорниот одбор на Акционерско друштво во државна сопственост за вршење на дејноста давање услуги во воздухопловна навигација „М-НАВ“ А.
Д. – Скопје да ги разреши Фахрудин Хамиди од должноста претседател на Управен одбор и извршен директор во СВН и Љубе Стаменковски од должноста член на УО и извршен директор во СВТ.