Судија од тетовскиот Основен суд си поправал оценки со пречкртување, утврдија антикорупционерите

Судијата Ељведин Ферати од Основниот суд Тетово, дипломиран во шестата генерација слушатели на Академијата за судии и јавни обвинители, се пријавил на тогашниот оглас со оценка 8,20, а во дипломата за завршени студии по право на Тетовскиот универзитет имал просек 7,88.

Ова го открил Државниот просветен инспекторат, кој по налог на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), ја проверил документацијата на сите досегашни кандидати кои биле примени и дипломирале на Академијата за судии и јавни обвинители, објави СДК.мк.

Државниот инспекторат потоа влегол во Тетовскиот универзитет. Во Матичната книга на Катедрата по право, кај Ферати имало поправено три оценки со пречкртување.

„Оценките биле пречкртани и поправени во повисоки, а притоа немало ни барања за преполагање на испити, ни пријави, ниту пак докази за преположување на трите испита. Државниот просветен инспекторат веднаш го извести надлежното Јавно обвинителство“, кажа на денешната седница претседателката на Антикорупциската комисија, Билјана Ивановска.