На 25 декември група студенти се собраа пред седиштето на Министерството за државна управа и локална самоуправа во Белград, барајќи пристап до избирачкиот список.
Тие најавија дека сакаат да го отворат избирачкиот список за да го проверат, откако домашните и европските организации кои ги набљудуваа изборите во Србија на 17 декември изразија сомнеж за нивната регуларност.
Студентите најавија дека ќе чекаат до пладне одговор од надлежните и потоа ќе објават кои две локации во Белград ќе ги блокираат во знак на протест. Оттаму додаваат дека блокадите ќе траат шест часа.
Кон блокадите ќе се приклучат и група студенти од Универзитетот во Нови Сад.
Речиси 40 демонстранти беа уапсени за време на протестот на опозициската коалиција „Србија против насилството“ на 24 декември во Белград, откако група маскирани лица се обиделе да влезат во градското Собрание.
Во таа прилика биле искршени прозорците и влезните врати, додека полицијата која била внатре во зградата употребила солзавец. Полицијата соопшти дека во инцидентите се повредени седум полицајци.
Коалицијата „Србија против насилството“ (СПН) објави дека инцидентите на протестот на опозицијата во Белград во неделата биле предизвикани од „хулигани испратени од власта“.
„Властите употребија насилство за да ги претстават мирните протести како насилни“, соопшти коалицијата „Србија против насилството“.
Тие најавија дека „испраќањето хулигани“ за да предизвикаат инциденти на протестот, власта го искористила за справување со мирните демонстранти кои бараат повторување на изборите одржани на 17 декември.
Опозицијата протестира уште од изборите на 17 декември, тврдејќи дека тие биле украдени од владејачката Српска напредна партија (СНС), меѓу другото, со фиктивно регистрирање на нивните гласачи од Србија и од странство на адреси во Белград.