Христијан Мицкоски – лидерот на ВМРО-ДПМНЕ синоќа на тв Сонце рече дека нема да дозволи никој од градоначалниците кои ја добија довербата од народот да направи било каков криминал, а ако тоа се случи, истиот ќе биде најстрого санкциониран без разлика што доаѓа од партијата на која тој е лидер.
„Ако било каква сомнеж сум имал јас, тој немало да биде кандидат. Ние не газевме низ врела жар овие четири години за да некој таков да нѐ посрамоти. Тоа најстрого ќе биде санкционирано, иако јас сум убеден дека кај тие луѓе нема такво нешто. На крајот од денот, јас ќе бидам тој кој што ќе биде лажливец, бидејќи зборувам пред вас, зборувам четири години за да покажеме дека не сме сите исти и дека сме различни, затоа ви велам дека тезата ,,лепи раката”немаше кај нас бидејќи таков не гледам и не дај Боже некој таков да ми се шмугне, еве отворено зборам – не дај Боже, доста е од братучеди, доста е од браќа. Во оваа држава има народ, има граѓани кои сакаат да живеат подобро, поквалитетно и ние кога сме се определиле за оваа работа сме се одлучиле да бидеме слуги на народот“ – рече Мицкоски.
Тој порача и дека се додека тој е на чело на ВМРО-ДПМНЕ нема да толерира никаков криминал од било кој без разлика на која политичка партија припаѓа ставајќи акцент дека ако истиот е од ВМРО-ДПМНЕ тој ќе биде уште пожестоко санкциониран.
„Додека јас сум дел и го водам ВМРО-ДПМНЕ, толерирање за такви работи нема да има. А тој кој што не дај боже, повторувам-не дај боже ќе направи било каков чекор во таа насока, ќе биде жестоко санкциониран, жар не газиме изминативе 4-5 години за некој да не избрука, тоа нема теоретски шанси јас да го дозволам“ – порача Мицкоски.