Во Кривичен суд – Скопје беа објавени пресудите за обвинетите кои признаа вина во случајот „Титаник“.
Поранешен генерален секретар на владата и на ВМРО-ДПМНЕ – Мартин Протуѓер е осуден на 2 години затвор условно, доколку во следните 5 години не стори ново кривично дело.
Миле Јанакиески, поранешен министер за транспорт и врски е осуден на казна од 4 години и 6 месеци затвор.
Гордана Јанкулоска, поранешна министерка за внатрешни работи е осудена на казна затвор од 2 ипол години.
Билјана Бришковска-Бошкоски, поранешна заменик-министерка за правда доби условна осуда од 2 години затвор кои ќе ги одлежи доколку во 5 години не стори ново кривично дело.
Катерина Веловска доби условна осуда од 2 години затвор.
Мунир Пепиќ, поранешен вработен во Агенција за разузнавање е осуден на 1 година затвор.
Кирил Тодоровски, поранешен шеф на кабинет во МВР и поранешен вработен во Разузнавање е осуден со условна осуда од 2 години затвор.
Коста Митроски, поранешен претседател на Изборна комисија во Центар е осуден на 3 години затвор.
Осуммината меѓу кои и поранешни високи владини и партиски функционери признаа вина по обвинението дека во повеќе изборни циклуси (2011-2014 г.) учествувале во различни видови на влијание врз изборниот процес.
Судијата Осман Шабани рече при изрекувањето на пресудата дека се влијаело врз гласачи за да не се гласа, за да се гласа или како да се гласа на избори. Влијанието е вршено со притисок, подароци или со спречување на остварување на избирачко право, рече судијата.
Првообвинет во случајот е Никола Груевски, поранешен претседател на владата и на ВМРО-ДПМНЕ.
Во случајот „Титаник“ обвинети се и други поранешни фукционери – Кирил Божиновски, Илија Димовски, Едмонд Темелко…