Бугарските социјалисти немаат став за барањето оставка на министерот за одбрана
„Бугарската социјалистичка партија, која е дел од владата, одлучи да не ја коментира оставката на министерот за одбрана Стефан Јанев“. Ова го соопшти вицепремиерката и лидер на БСП – Корнелија Нинова на брифинг во седиштето на партијата.
Според Нинова, министерот за одбрана на Бугарија е предлог на партијата „Продолжуваме со промената“, која победи на парламентарните избори и добро е прво да се слушне нивното мислење, а потоа да се реши прашањето.
Таа рече дека прашањето за оставка на Стефан Јанев не е разговарано ниту на лидерско ниво во коалицијата, ниту во Народното собрание.
„Демократска Бугарија“, која исто така е дел од владејачката коалиција во земјата, побара од своите партнери да го сменат Јанев, бидејќи тој не го користи зборот „војна“ од почетокот на воената акција на Русија против Украина.
Министерот за иновации на Бугарија Даниел Лорер денеска изјави дека прашањето дали Стефан Јанев треба да биде сменет од функцијата министер за одбрана треба да го покренат премиерот Кирил Петков и останатите коалициски партнери.