Фон дер Лајен: Првпат во историја ЕУ ќе вооружува земја која е нападната

Европската Унија ќе почне со испорака на оружје за Украина, што е првпат во нејзината историја да преземе таков чекор. Ова денеска на прес-конференција го најави претседателката на Европската комисија – Урсула фон дер Лајен. Таа најави серија нови санкции насочени кон Русија и Белорусија, како и забрана за Русија да го користи европскиот воздушен простор.

Фон дер Лајен рече дека блокот, првпат во историјата „ќе го финансира купувањето и испораката на оружје и друга опрема во земја што е нападната“.

Ќе има и три нови транши санкции.

„Го затвораме воздушниот простор на ЕУ за Русите. Предлагаме забрана за сите авиони што се во руска сопственост, регистрирани во Русија и контролирани во Русија. Овие авиони повеќе нема да можат да слетуваат, полетуваат или да прелетуваат на територијата на Европската Унија“ – рече таа.

Освен тоа Фон дер Лајен рече и дека „Државните Раша тудеј и Спутник, како и нивните подружници, повеќе нема да можат да ги шират своите лаги за да ја оправдаат војната на Путин“.