Борел: На Украина и треба повеќе воена помош, ЕУ ќе и дава постојана поддршка

Високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, за време на посетата на Киев во неделата изјави дека на Украина и е потребна поголема воена помош и вети континуирана поддршка од ЕУ, пренесува Ројтерс.

– На Украина и требаат повеќе можности и тие и требаат побрзо – рече тој во соопштението објавено на платформата Х, порано позната како Твитер.

Тој рече дека разговарал за „континуирана воена помош на ЕУ“ за време на неговиот прв состанок лице в лице со министерот за одбрана Рустем Умеров.

– Подготвуваме долгорочни безбедносни обврски за Украина – додаде Борел.

Оваа недела, Европската агенција за одбрана одговори на прашањата на Ројтерс дека седум земји на ЕУ нарачале муниција како дел од шемата за набавка за итна испорака на артилериски гранати во Украина и надополнување на исцрпените западни резерви.