Илјадници луѓе на протест во Полска

Илјадници луѓе се собраа на маршот на опозицијата во центарот на Варшава, две недели пред изборите за кои либералната Граѓанска платформа (ПО) вели дека би можеле да бидат одлучувачки за иднината на земјата во Европската Унија и нејзината демократија.

„Доаѓа голема промена. Ова е знак за повторното раѓање на Полска“, изјави лидерот на ПО, Доналд Туск пред насобраните луѓе на централниот плоштад во Варшава, пренесува Ројтерс.

Туск, поранешен претседател на Европскиот совет, предупреди дека владејачката партија Право и правда (ПиС) би можела да ја извади Полска од Европската Унија и ги окарактеризира изборите како клучни за правата на малцинствата и жените.

Британската агенција пренесува дека голем број од собраните граѓани носат знамиња на Полска и на Европската Унија, а опозицијата се надева дека денешниот марш ќе стане најголем во последните неколку децении и дека ќе ги поттикне гласачите да учествуваат на изборите.

Сите инвестираат во работни места, во борбата против климатската катастрофа, а нас ни се ускратени парите затоа што некој решил да ја уништи демократијата во Полска“, рече градоначалникот на Варшава Рафал Тржасковски на митингот.

Анкетите на јавното мислење покажуваат дека ПиС може да победи на изборите, но дека ќе биде тешко да се формира владејачка коалиција поради големото незадоволство од зголемувањето на цените и загриженоста за, како што пренесува Ројтерс, ерозијата на демократските принципи.

Парламентарните избори во Полска треба да се одржат на 15 октомври.