Златен медал за Дејан Георгиевски на „Тирана Опен“, чекор поблиску до Олимписките игри во Париз
Македонскиот таеквондист Дејан Георгиевски успеа да се закити со златниот медал на Г1 турнирот „Тирана Опен“ во Албанија.
Георгиевски стигна до првото место до две доминантни победи над Александар Филипов од Израел (2:0) и во финалето против Ел Омар од Франција (2:1).
Ова е уште еден важен чекор за нашиот најдобар таеквондист кон норма за учество на следните Летни олимписки игри во Париз 2024.
Во септември Георгиевски исто така освои нови поени освојувајќи сребрен медал во Белград на Г1 Олимпискиот меѓународен турнир „Галеб Србија Трофеј“.
По среброто на Игрите во Токио, желба на Георгиевски е да направи чекор напред и освои златен медал во Париз.