„Дали скопјани ќе имаат парно“ и „Чебрен“ се централните теми на вечерашната емисија на „Трилинг“ каде ни гостува Марко Бислимоски.
Во оваа сезона, секое издание на „Трилинг“ воведовме рубрика гостин водител, а таков вечерва беше Мирче Јовановски од „Независен“.
На прашањето „Дали ќе има парно греење“ Марко Бислимоски е катеричен во одговор и ги уверува скопјани дека се ќе биде во ред.
Апсолутно дека ќе има парно греење. Во изминатиот период јас неколку пати во јавни настапи кажав додека не добиеме цврсто уверување дека ќе се направи цевководот на мостот „Беласица“ РКЕ нема да определи цена за топлинска енергија. И двете топлани во Скопје можат да ги задоволат потребите на граѓаните од топлинска енергија, но проблемот е што цената е три пати повисока од цената на ТЕ-ТО, започнува Бислимоски.
Тој вели дека е значаен ТЕ-ТО за скопјани парното да го добијат по пониска цена. Сепак, се се сведува на тоа кој ќе ја плати штетата на мостот „Беласица“ бидејќи сите ја префрлаат топката. Бислимоски на оваа тема вели дека цевките се на ЕСМ.
Бислимоски околу мостот „Беласица“ вели дека разговарал и со градоначалничката Арсовска и смета дека се е во ред.
Освен локалните теми, првиот човек на РКЕ објаснува и за вкупната потрошувачка на нафтени деривати и како се снабдува нашата држава со нив.
Имаме издадено 630 лиценци за производство на електрична енергија од обновливи извори од почетокот на годината. Веќе одиме со сериозна бројка, вели Бислимоски.
„Чебрен“ е важен енергетски проект за кој се зборува три децении, а за ова зборува и нашиот вечерашен гостин.
Ова ќе биде најголемиот енергетски проект во независна Македонија. Поголем проект сме немале и тој е исклучително битен. Станува збор за електрана која е реверзибилна, нон-стоп ќе произведува електрична енергија кога ќе ни треба. Најмногу ни треба во текот на денот и тогаш ќе е најголема потрошувачката.
ЕСМ ќе влезе со 33% со тоа што ќе го дадеме Тиквеш, а тоа значи дека: Лани цената беше 250 евра за мегават час, ако сме го имал „Чебрен“ ќе сме заработеле 250 милиони евра од кои 80 милиони евра би биле за ЕСМ. Чербен ќе биде успешна приказна. Јас ќе бев најсреќен ако тоа го направевме во нашата држава, но тоа ќе го прави грчка компанија, заклучува Марко Бислимоски во гостувањето на Трилинг.