Македонскиот премиер Димитар Ковачевски и неговиот грчки колега – Кирјакос Мицотакис денеска попладне ќе имаат средба во Минхен на маргините на Конференцијата за безбедност. Ова за нив ќе е прва средба.
Од кабинетот на грчкиот премиер соопштиле дека Мицотакис во текот на денешниот ден ќе оствари низа средби меѓу кои и со премиерите на С. Македонија и на Албанија, со претседателката на Косово, со вицепремиерот на Израел.
Владината делегација на Северна Македонија на 58-та Минхенска конференција за безбедност што ја предводи премиерот Димитар Ковачевски, ја сочинуваат заменик-претседателот на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ, министерката за одбрана, Славјанка Петровска и министерот за надворешни работи, Бујар Османи.
Од прес службата на Владата соопштија дека за време на тридневната работа на конференцијата ќе учествуваат на повеќе централни и придружни настани во рамките на конференциската агенда, како и на повеќе заеднички и одделни билатерални средби.
Ковачевски и Мицотакис, на 31. јануари имаа телефонскиот разговор, а според соопштенијата од нивните кабинети, двајцата премиери се согласиле дека односите меѓу двете земји се на одлично ниво и дека ќе продолжи да се гради и зајакнува партнерството, ја констатирале взаемната волја за зајакнување на билатерални односи и билатералната соработка.