Тупанчески: Илузорно е да очекуваме дека 30 години ниту еден обвинител не погрешил

„Советот на јавни обвинители откако постои не изрекол ниту една дисциплинска и не разрешил ниту еден обвинител. Илузорно е да очекуваме дека во 30 години ниту еден обвинител не погрешил“. Ова синоќа на тв Телма го изјави министерот за правда Никола Тупанчевски.

Тој посочи дека само создава оптимални услови за работа и не е негова надлежност оценувањето на работата на јавните обвинители и судии.

Тупанчески смета дека Судскиот совет и Советот на јавни обвинители треба да бидат главните фигури со капацитет, храброст и доблест да се занимаваат со квалитетот на работата на судиите и јавните обвинители.

„Очекувам во иднина и ги охрабрувам членовите на Советот на јавни обвинители да бидат на ниво на задачата, затоа што досегашното искуство покажува дека тој ќе треба малку повеќе да се заложи, бидејќи илузорно е да очекуваме дека во 30 години ниту еден обвинител не погрешил … Само треба да се каже уште еднаш дека и Судскиот совет и Советот на јавни обвинители дефинитивно треба да бидат на ниво на задачата и ингеренциите кои што им се дадени со Устав“ – изјави Тупанчевски.

Јавното обвинителство подготвува годишни, полугодишни, месечни извештаи и не може обвинителите да не знаат што се случува во нивниот работен дом и како постапуваат останатите нивни колеги, посочи министерот.