Бујар Османи – македонскиот шеф на дипломатијата вели дека не треба да се создава притисок со рокови кај Заедничката историска комисија со Бугарија, туку целта е да се создаде процес на доверба за решавање на спорните прашања.
Тој на Сител тв најави дека следниот состанок на експертско ниво со Бугарија, ќе се одржи на 23. февруари во Скопје.
„Тие состаноци алтернативно се менуваат. Во Софија имавме на состанок на политичко ниво, потоа имаше повторно на експертско ниво во Софија, деновиве очекуваме повторно да имаме разговори на највисоко политичко ниво, за потоа на 23т-и во Скопје ќе има разговори на експертско ниво“ – рече Османи.
Според него, експертите обработуваат некоја тема, политичарите даваат свои политички погледи и насоки и така треба да ја имаме потребната слика минувајќи ги сите филтри, со цел ниту едно решение да не остане неанализирано како што треба.
„Имаме пристап што е малку поразличен од претходните, сега имаме работни групи, од кои четири се секторски, една е Историската комисија. Затоа честопати велам оти четири пати зборуваме за иднината, а еднаш за минатото и тоа кажува за новиот пристап што го внесовме во овој нов циклус. Денеска се одржа Работната група за култура, секоја седмица се одржува средба на работните групи, на кои се конкретизираат одредени проекти, како што беше авиолинијата Скопје-Софија. Тоа е брзо конкретизирање на тие работни групи со цел да се создаде амбиент и атмосфера, а паралелно разговараме за политичките прашања, односно за спорните прашања и тоа на две нивоа, и на политичко и на експертско ниво, истакна во одговор на прашањето за неговата изјава во неделата оти се уште нема напредок по клучните прашања“ вели Османи.