
Европската унија мора да одреди датум за новото проширување, бидејќи без него никогаш нема да биде подготвена да прими нови членки, изјави претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, во денешниот разговор со новинарите во Брисел.
Тој оцени дека одредувањето на датумот ќе ја поттикне ЕУ да се подготви, а на земјите од Западен Балкан ќе им даде конкретен рок за исполнување на нивните обврски.
„Така веќе нема да бидат можни изговори од ниту една страна. Едно е јасно, ако не си поставиме цел, никогаш нема да бидеме подготвени“, рече Мишел, пренесува РТС.
Мишел рече дека неговиот неодамнешен говор во Блед е резултат на бројни консултации со водачите на ЕУ и Западен Балкан во различни формати, кои заклучиле дека „сега има моментум за напредок во дебатата за проширување“.
Во говорот на стратешкиот форум во Блед претходно оваа недела, Мишел рече дека ЕУ и Западен Балкан треба да бидат подготвени до 2030 година за прием на нови членки.
Висок функционер на ЕУ во Брисел, кој не сакаше да биде именуван, оцени денеска дека 2030 година е реален рок за подготовка на следното проширување на ЕУ.
Тој посочи дека Мишел со својот говор во Блед отворил дебата која интензивно ќе се води на ниво на лидери на ЕУ во наредните месеци, со цел да се постигне договор за политиката на проширување пред европските избори во јуни следната година.
Според него, ЕУ мора да одговори на прашањата за начинот на одлучување во рамките на проширената Унија, за тоа кои политики сака да ги спроведува на европско ниво и од кои извори ќе се финансираат.
„Мишел го постави тонот на дебатата и ја постави целта. Без јасна цел, ЕУ никогаш нема да биде подготвена за проширување“, рече претставникот.
Тој додаде дека уште пред војната во Украина, лидерите на ЕУ одлучиле да го интензивираат процесот на пристапување кон Западен Балкан, а почетокот на руската инвазија е дополнителна причина ЕУ да дејствува на „геополитички начин“.
„Невозможно е да се замисли ситуација во која Западен Балкан засекогаш ќе биде област во рамките на ЕУ, но под влијание на Кина, Русија, Турција и други. Време е за јасни пораки и потези“, рече тој.
Тој ги отфрли обвинувањата дека Мишел го презентирал предлогот за проширување без консултација со земјите-членки и Европската комисија.
„Мишел одржа говор во Блед, сметајќи дека има доволно поддршка за ставовите искажани за проширувањето. Последната средба на оваа тема беше неодамна во Атина, со учество на Европската комисија“, рече тој.
Портпаролката на Европската комисија, Дејна Спинант, претходно оваа недела изјави дека Европската комисија не е запознаена со предлогот на Мишел да се одреди датум за следното проширување на ЕУ и дека за Комисијата, проширувањето е процес „заснован на заслуги“, што значи дека кандидатите се призна „кога се подготвени за тоа“.