Обединување на сите министри за одбрана на земјите-членки на НАТО на денешната сесија на министерскиот состанок на НАТО во Брисел околу потребата од интензивен дијалог и изнаоѓање на одржливо политичко решение на кризата во и околу Украина, соопштија од Министерството за одбрана.
Македонската министерка за одбрана – Славјанка Петровска на состанокот заедно со останатите министри даде силна поддршка за територијалниот интегритет и суверенитет на Украина.
„Сè уште има простор за мирно надминување на оваа ситуација со дипломатски напори, кои е потребно да резултираат со смирување на ситуацијата на терен. Првата и главна цел на НАТО е колективната одбрана и затоа на сесијата стана збор и за идната поставеност на Алијансата во контекст на зајакнатата поддршка за сојузниците од т.н. источно крило на НАТО“ – соопштија од МО.
Во дискусијата за одвраќањето и одбраната, на сесијата стана збор за инвестирањето во одбраната, градењето на капацитети за отпорност и зајакнувањето на напорите за технолошки иновации.
Министерката Петровска денеска се сретна со својот словенечки колега, министерот Матеј Тонин, со министерот за одбрана на Грција, Николаос Панагиотопулос, со министерот за одбрана на Бугарија, Стефан Јанев и со турскиот министер за одбрана, Хулуси Акар.