САД и НАТО: Русија го зголемува бројот на војници во близина на Украина!

Русија се уште има војници долж границата со Украина и покрај најавата на Москва дека се повлекува, со што се доведува во прашање наведената желба на рускиот претседател Владимир Путин да преговара за решавање на кризата – е ставот на САД и на НАТО.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека нивните сили се повлекуваат по маневрите во јужните и западните воени области во близина на Украина – дел од огромното зајакнување кое беше придружено со барања за опсежни безбедносни гаранции од Вашингтон и НАТО.

Сепак, американскиот државен секретар Ентони Блинкен изјави дека клучните руски единици се движеле кон границата, а не од границата.

Висок претставник на западното разузнавање нагласи дека ризикот од руска агресија врз Украина ќе остане висок до крајот на февруари и Русија се уште би можела да ја нападне Украина „во суштина или речиси без предупредување“.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг додаде дека движењето на војниците и тенковите „напред-назад“ не е доказ за повлекување.

– Не видовме никакво повлекување на руските сили. И, се разбира, тоа е спротивно на пораката за дипломатските напори“, изјави Столтенберг пред состанокот на Алијансата во Брисел, додавајќи дека „она што го гледаме е зголемување на бројот на војници, а голем број трупи се на пат. Значи, засега нема деескалација“.

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски го искористи обраќањето за „Денот на единството“ и истакна дека Украина не стравува од евентуална руска инвазија, ветувајќи дека неговата земја ќе возврати.

– Ние не се плашиме од прогнози, не се плашиме од никого, од какви било непријатели. Ќе се браниме, нагласи Зеленски на настан организиран од армијата во источниот пристаништен град Мариупол.