Најмалку шест лица загинаа, а дванаесет се повредени во серија бомбашки напади насочени кон безбедносните сили во близина на мексиканскиот град Гвадалахара.
Мексиканските власти објавија дека осум рачно изработени експлозивни направи биле поставени на пат во државата Халиско, од кои седум експлодирале додека минувал полициски конвој. Загинаа четворица полицајци и двајца цивили, а повредени се 12 лица, меѓу кои три деца на возраст од 9, 13 и 14 години.
„Тоа е нешто што никогаш порано не сме го виделе овде“, рече гувернерот на Халиско, Енрике Алфаро, кој е на чело на една од најнасилните држави во Мексико со 1.095 убиства и 750 исчезнувања од почетокот на годината.
Гувернерот го осуди, како што рече, бруталниот терористички чин што претставува предизвик за целата мексиканска држава, а за овој чин обвини неименувана група за шверц на дрога. Во Мексико, навикнат на насилство, нападите со експлозиви сè уште се релативно ретки.
Главниот обвинител на државата Халиско, Луис Мендез изјави дека експлозиите биле толку силни што оставиле кратери на патот и уништиле најмалку четири возила.
Сојузната држава во која се случија експлозиите е дом на групата за шверц на дрога Халиско Нова генерација, моќна организација која често се судира со други криминални групи. Групата Халиско беше обвинета и за претходни напади со помош на импровизирани експлозивни направи и дронови со бомби.