Од денеска портокалова фаза – најранливите да не одат на работа

Од денеска земјава влегува во портокалова (алертна) фаза. Дневните температури, како што најавува УХМР, во некои делови ќе бидат над 40 степени.

Сите региони во државата: скопскиот, осоговско-малешевскиот, пелагонискиот и охридско-преспанскиот, ќе влезат во портокалова фаза.

Поради топлото време, надлежните излегоа со конкретни мерки и препораки: најранливите категории граѓани да бидат ослободени од работа, да се внимава при купувањето, консумирањето и чувањето на храната за да не дојде до труења, како и соодветно да се чуваат милениците и домашните животни за кои високите температури може да претставуваат голем стрес.

Портокаловата фаза, според прогнозата, ќе трае до 16 јули, а од денеска почнуваат да важат препораките за намалување на ризиците од високите температури согласно Акцискиот план на Министерството за здравство за превенирање на последиците од топлотните бранови врз здравјето на населението.

-Од денеска до недела целата територија на државата ќе биде зафатена со температури од портокалова фаза и затоа се воведуваат мерки и препораки за заштита на граѓаните од високите температури со времетраење од четири дена, до 16 јули, односно до натамошно одлучување. Се препорачува: ослободување од работни обврски на најранливите групи население, како што се бремените жени и лица на возраст над 60 години, а во градинките да не се практикува физичка активност и од 11:00 до 17:00 часот децата да не се изнесуваат на отворено, наведува Владата.

Воедно се препорачува, општините, Црвениот крст и Центрите за социјални работи, во регионите зафатени со топлотниот бран да пружаат помош на осамени, стари, изнемоштени лица и бездомници. Со оглед, пак, дека одредени производствени и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик за здравјето на изложените работници, се потсетуваат работодавците на обврската за почитување на законските прописи од оваа област.

Владата наложи државните органи и јавните претпријатија и установи да ги почитуваат препораките, а приватниот сектор да го организира работното време така што ќе им овозможи на работниците да избегнуваат престој на отворено од 11 до 17 часот, односно во тоа време да не бидат на директна сончева изложеност.

-Сите правни субјекти кои вршат активности на отворено, да ги запрат активностите во периодот од 11:00 до 17:00 часот, а ова особено се однесува на работата на градежните работници. Градинките треба да го организираат работното време во периодот од 7:00 до 17:00 часот, со тоа што не треба да практикуваат физичка активност и да не се изнесуваат децата на отворено по 11:00 часот, наведе Владата и потенцира дека надлежните органи постојано ја следат состојбата поврзана со временските температури со цел навремено преземање соодветни мерки за заштита на граѓаните.

Министерството за труд и социјална политика апелира на зголемени контроли од страна на надлежниот Државен инспекторат за труд.

Во исхраната да се избегнуваат мајонез, кечап, крем салати, сосови и преливи

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), пак, излезе со препораки за храната, милениците и домашните животни.

-Со порастот на температурите се зголемуваат и потенцијалните ризици од труење со храна. За да се спречи евентуална појава на труење, неопходно е да се направи правилен избор и набавка, да се обезбедат соодветен транспорт и услови за чување. Храна треба да се купува од проверени места каде има услови производите, особено лесно расипливите од животинско потекло, да се чуваат во разладни уреди. При купувањето треба да се води сметка за изгледот, рокот на употреба и соодветното чување на храната, нагласува АХВ.