Столтенберг го смирува Зеленски: Украина не била никогаш поблиску до НАТО!

Јенс Столтенберг, генералниот секретар на НАТО, денеска навидум го ублажи гневот на Украина кога, на заедничката прес-конференција со нејзиниот претседател Володимир Зеленски, објави пакет од три дела, чија цел е уште повеќе да ја приближи Украина до Алијансата.

Ова го наведува Ен-Би-Си Њуз, кој додава дека Зеленски го поздравил ваквиот договор, но рекол и дека поканата за членство во НАТО би била подобра опција.

Столтенберг, говорејќи пред новинарите на вториот и последен ден од самитот на НАТО во главниот град на Литванија, Вилнус, рече дека членките на Алијансата се согласиле за овој пакет од три дела.

– Украина сега е поблиску до НАТО од кога било – рече Столтенберг.

Пакетот вклучува формирање на нов совет НАТО-Украина, потврдувајќи дека Украина ќе стане членка на Организацијата на Северноатлантскиот договор и отстранувајќи го условот Киев да спроведе „акционен план за членство“.

Столтенберг рече дека Алијансата ќе биде со Украина „колку што е потребно“ и изјави дека таа земја сега е „на рамноправна основа“ со земјите-членки на НАТО.

Во врска со членството на Украина во западната воена алијанса, Столтенберг рече дека НАТО ќе упати покана за членство „кога сојузниците ќе се договорат и кога ќе се исполнат условите“.

Тој додаде дека, штом војната ќе заврши, НАТО „мора да обезбеди постоење на веродостојни аранжмани за безбедноста на Украина за да не се повтори историјата“.

– Денеска се среќаваме како еднакви, со нетрпение го очекувам денот кога ќе се сретнеме како сојузници – му рекол Столтенберг на Зеленски и додал дека „сега најитната задача е да се осигура дека Украина има доволно оружје“.

Зеленски го поздрави пакетот од три дела што го понуди НАТО и ги оцени резултатите од самитот на Алијансата како „добри“, но додаде дека поканата за членство би била „уште поидеална“.