Откако доцна синоќа во медиумите излезе вест дека градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска го казнила градоначалникот на о. Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски со парична казна во износ од 90 000 евра поради оставање на отпад пред портите на депонијата „Дрисла“, денеска на прес-конференција тој за оваа казна рече дека нема правна основа, бидејќи ѓубрето било истурено пред објект кој се наоѓа на територија на општината Студеничани, а не во Градот Скопје, што значи дека таа немала ингеренции за казнување за овој случај.
„Ниту си ги знае своите надлежности, ниту пак своите ингеренции и што е најстрашно, според мене, ниту пак знае која е територијата која ја администратира“ – рече Ѓорѓиевски.
Покрај Кисела Вода, казна била пишана и за Општината Сопиште, а доколку се соберат двете казни кои треба да ги платат општините – сумата изнесува околу 140 000 евра, но истите се уште не се пристигнати на адреса на општините. Ѓорѓиевски кажа и дека според негови информации, инспекторите кои ја напишале казната биде уценувани директно од градоначалничката.
Ѓорѓиевски вели дека за да го истурат сметот во „Дрисла“ нема потреба од никаков договор, бидејќи според одлука која е донесена уште од 2005 г. сите општини се наведени дека може да одлагаат отпад со мерење на отпадот и врз основа на тоа да им се наплати, а одлуката да ги преземат работите во свои раце и да започнат со чистење на општините, ја правда со тоа што доколку градоначалниците не постапеле, градот ќе продолжел да тони во смет и здравјето на граѓаните би се довело во прашање.
„Знаете дека по неколкудневно нечистење на сметот и претворање на градот во една голема депонија, ние како општини со помош од наши колеги излеговме на терен да се справивме со проблемот кој го создаде Данела Арсовска, КХС и Градот Скопје, земајќи во предвид дека нашите сограѓани плаќаат за тоа“ – вели Ѓорѓиевски.