Нема повредени во пожарот во битолскиот затвор

Нема повредени затвореници и чувари во битолскиот затвор во кој синоќа имаше пожар.

Единствено лекарска помош им била укажана на неколку чувари во затворот кои вдишале чад.

И од Министерството за внатрешни работи велат дека нема повредени лица, а увид извршила екипа на СВР Битола. Оттаму велат дека е известен јавен обвинител и се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Во битолскиот затвор, лоциран во месноста Црн Мост, во текот на денот ќе се истражуваат причините за предизвиканиот пожар во притворското одделение, а просториите ќе бидат санирани.

Притворените лица ќе бидат преместени во друга просторија се додека исчаденото притворско одделение и оштетената инсталација се санираат.

Се очекува во текот на денот да бидат соопштени информации за причините за пожарот во битолскиот затвор кој веднаш бил изгаснат.

Најверојатно пожарот бил намерно предизвикан од еден од притворениците. Чадот бргу се разнел низ преостанатите ќелии и простории на катот преку централниот систем за вентилација.

Во битолскиот затвор во делот каде што избувнал пожарот се сместени притвореници, а во моментов мерка притвор таму издржуваат вкупно 18 лица.