Поранешниот премиер Никола Груевски побарал вонредно преиспитување на правосилната пресуда за „Плацевите на Водно“.
Барањето, Груевски го доставил вчера до Врховниот суд преку неговиот адвокат Димитар Дангов.
– На ден 10.07.2023 година до Врховниот суд на Република Северна Македонија доставено е Барање за вонредно преиспитување на правосилна пресуда од осудениот Никола Груевски преку неговиот бранител Димитар Дангов, адвокат од Скопје, по предметот познат во јавноста како „Плацеви на Водно“. По поднесеното барање оформен е предмет под КВП-КОК2-16/23 и е распореден кај судија-известител за понатамошно постапување – се вели во соопштението од Врховниот суд.
Груевски во овој случај првостепено беше осуден на седум години затвор, а годинава Апелација донесе правосилна пресуда и му ја зголеми казната за две години, односно правосилно е осуден на девет години затвор.