Лога: Судски совет не постапува за неправилностите во Судот во Куманово

Судскиот совет одолговлекува и не постапува и покрај укажувањата и писмените дописи за констатирани неправилности во работата на Основниот суд Куманово, соопшти Министерството за правда.

Судскиот совет беше во работна посета на Основниот суд Куманово на 1 февруари годинава и подготви Извештај, во кој се наведува дека се констатирани низа нарушувања.

Констатирано е нарушување на угледот на судиската функција, направени се груби повреди на начелото на недеискриминација по која било основа, потоа користење на несоодветен вокабулар, навреди и омаловажувања на вработените од страна на в.д претседателката на судот Снежана Манев, соопштува Министерството за правда.

Во Извештајот се наведени и злоупотреби на АКМИС-от, исклучување на одредени судии од автоматската распределба на предмети. Од увидот на предметите во работната група констатирано е долго траење и одолговлекување на постапката, неуредно и неажурно верификување на предметите во системот.