Пеколни температури во Грција, температурите одат и над 40 Целзиусови степени

Во големи делови на Грција од петок се очекува температурите да се искачат над 40 Целзиусови степени. Во главниот град Атина во сабота максималните температури би можеле да достигнат до 45 Целзиусови степени, соопшти денеска грчката државна метеоролошка служба. Надлежните ги повикуваат граѓаните и туристите да бидат внимателни и препорачуваат избегнување на тежок физички напор.

Многу градови и општини ќе отворат климатизирани простори за граѓаните каде што луѓето ќе можат да бараат засолниште. Неколку синдикати побараа петок да се прогласи за неработен поради горештините, но Владата се уште не се изјасни за ова.

Луѓето се охрабруваат да работат од дома ако е можно. Од работодавците беше побарано да не бараат од нивните работници да вршат тешка физичка работа на отворено.

Метеоролозите сѐ уште не можат да кажат колку долго ќе трае топлотниот бран. Сепак стравуваат дека високите температури би можеле да траат и до 10 дена. Опасноста од шумски пожари во моментов не е голема, бидејќи до пред неколку недели често во Грција врнеше силен дожд.