Триесетина предмети од 2006 до сега поминале низ рацете на обвинителите поврзани со градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, пренесе 24 ТВ.
Најголемиот дел заминати во историјата, а по оние кои се активни, постапуваат струшкото обвинителство и обвинителството на Ислам Абази. Ова го покажа надзорот на државното обвинителство, кое оформи комисија за да види како обвинителите постапувале во сите предмети за Мерко, откако тој се најде на црната листа на САД со наводи за крупна корупција.
За предметот на антикорупционерите, за набавката на службени возила меѓу кои и луксузното ауди пак, обвинителството конечно даде информација. Активен е, но се уште се проверуваат дел од наводите.
„Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција има во работа вкупно 5 предмети. Меѓу нив е и предметот со спорната набавка на службени автомобили во Општина Струга, кон кој е приклучена и иницијативата на Државната комисија за спречување на корупција и извештај на Државниот завод за ревизија, и во кој е донесена Резолуција за еден дел од наводите, меѓутоа останатиот дел се уште е предмет на проверки. На надлежниот јавен обвинител му се дадени насоки за натамошно постапување во овој предмет.“ – велат од Државно јавно обвинителство.
Иако оваа информација се најде во соопштението на обвинителството, сепак од таму не доставиле никаква информација до Државната комисија за спречување на корупција, од каде претходно на прес конференција известија дека не можеле да дознаат до каде е предметот, бидејќи од обвинителството не сакале да го споделат тоа со нив. Извори од антикорупциската комисија за ТВ 24 велат дека последното што обвинителството им го кажало е дека не можат да соопштат детали.
„Последната информација што ја добивме беше она што го соопштивме на прес конференцијата. После тоа, немаме добиено никаква информација.“ – велат од ДКСК.
Обвинителството не кажува дали нашле евентуални пропусти во постапувањето на обвинителите кои ги водат предметите против Мерко. Оделе од обвинител на обвинител и ги прашувале дали врз нив биле правени притисоци. Ги охрабриле да пријавуваат секој обид да се компромитираат постапките кои ги водат обвинителствата.
ТВ 24 побара став и од градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, но до овие вести, тој не одговори на нашите повици ниту на пораките кои му ги испративме. Контролата ја вршеше тим од четворица обвинители од републичкото обвинителство, а почна на 26 јуни. Претходно контрола вршеше и судскиот совет, на сличен начин, тим замина во струшкиот суд за да ги прашува судиите дали имале притисоци кога носеле одлуки за предметите поврзани со Мерко.