„За СДСМ Декларацијата што ВМРО-ДПМНЕ ја поднесе во Собранието по повод 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев е политичко подметнување од страна на ВМРО-ДПМНЕ со цел да се продлабочат поделбите во македонскиот народ и оди на штета токму на неговиот лик и дело“. Ова е ставот на владејачката партија од каде бараат „ВМРО-ДПМНЕ да ја повлече Декларацијата и ако навистина сакаат да ја видат Северна Македонија во ЕУ да се вклучат на конструктивен начин во процесите кои се од национален интерес“.
„Гоце Делчев е еден од најзначајните македонски национални херои чие наследство силно го промовираме. Од овој став не сме отстапиле ни милиметар. Популистичките игри на ВМРО-ДПМНЕ се на штета на ликот и делото на великанот Делчев. Наспроти ваквото политиканство во најдобриот дух на визијата на македонскиот великан ние почнавме со градење мостови и културен натпревар со цел решавање на сите отворени прашања. Тоа бил и неговиот поглед за иднината и тоа е духот во кој ќе продолжиме понатаму. Срамно е што ВМРО-ДПМНЕ се обидува ова да му го направи на македонскиот херој Гоце Делчев“ – рече на прес-конференција во Собранието координаторот на СДСМ – Јован Митрески.
Според СДСМ, македонскиот национален херој Делчев не заслужил да биде сведен на политичка декларација, а делото на великанот и неговиот историски придонес во создавањето на македонската држава не заслужува ваков потценувачки однос.
„Моштите на Гоце Делчев се во Скопје во главниот град на македонската независна држава и тука ќе останат. Гоце Делчев е вграден во македонската национална химна и таму ќе остане. Имаме град што го носи неговото име, училишта и библиотеки, улици и бројни споменици. Големо е неговото дело и почитта кон него“ – рече Митрески.
За СДСМ декларацијата е политичко подметнување од страна на ВМРО-ДПМНЕ со цел да се продлабочат поделбите во македонскиот народ.