Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери денеска оствари средба со специјалниот пратеник на претседателот на Азербејџан, Ечин Амербајев на која разговараа за потенцијалната соработка меѓу нашите две држави. Од име на Собранието и од негово лично име упати поздрави до претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев и до неговиот хомолог, претседателката на Парламентот на Азербејџан, Сахиба Гафарова. Воедно, се заблагодари за нејзината покана да го посети Азербејџан во наредниот период.
Претседателот Џафери изрази уверување дека во наредниот период заедно со Азербејџан ќе се работи на зајакнувањето и интензивирањето на билатералната комуникација, како со средби на највисоко ниво така и на парламентарните групи за соработка на двете земји. Притоа, тој ги потенцираше можностите за зголемување на економско-трговската соработка која се уште е на незадоволително ниво иако има голем потенцијал за подобрување. Ја искажа нашата заинтересираност како држава за соработка на полето на енергетиката и приклучување кон ТАП-Транс-Јадранскиот гасовод, за што имаме силна поддршка и од ЕУ. Во рамките на нашето претседавање со ОБСЕ оваа година, истакна претседателот Џафери, го поддржуваме мирното решавање на конфликтот меѓу Азербејџан и Ерменија во регионот на Нагорно Карабах и надминувањето на блокадите на Коридорот ,,Лачин“.
Специјалниот пратеник на претседателот на Азербејџан, Амербајев, се заблагодари за можноста да биде гостин во Собранието на Република Северна Македонија што воедно претставува и неговата прва посета на нашата земја. Тој ги пренесе поздравите од претседателот Илхам Алиев до нашата земја и до Собранието. Нагласи дека неговата агенда е во насока на давање придонес кон зајакнувањето и интензивирањето на пријателските односи меѓу двете земји, како и подетално запознавање на претседателот Џафери со безбедносната ситуација во неговата земја и тековните преговори меѓу Азербејџан и Ерменија, за ставање крај на долгогодишниот конфликт меѓу двете земји со постигнатата согласност околу точките на мировниот процес и очекувањата од неговото имплементирање.
Целосно се согласи со претседателот Џафери дека во наредниот период треба да се вложат заеднички напори за зајакнување на соработката на сите полиња, особено на економски план и на планот на развој на авиосообраќајот и туризмот меѓу двете страни. Се осврна и на значењето кое го има Западен Балкан за Азербејџан на полето на енергетската поврзаност со гасоводните коридори кои поминуваат низ повеќе земји.