Меџити утринското кафе го испил со доктор Јовев, но нема да ја преиспита одлуката

Министерот за здравство, Фатмир Меџити денеска утринското кафе го испил со докторот Јовев, но сепак нема да ја преиспита својата одлука и нема да го врати на директорската позиција.

На денешниот настан Меџити ги објави сите активности на неговиот кабинет во првите 100 дена, па одговарајќи на новинарски прашања ја образложи ситуацијата со докторот Сашко Јовев.

-Професорот Сашко Јовев ќе продолжи да работи во Клиниката за кадриохирургија како најдобар кадар таму заедно со останатиот тим лекари. Ќе се посвети повеќе на пациентите и на работата. Ќе ја има мојата потполна поддршка како доктор и професор за понатамошната работа. Ќе видиме дали ќе има нов директор. Ќе ја повторам и изјавата од вчера во однос на програмата за трансплатација, ќе се залагам со ребалансот на Буџетот да се зголеми буџетот за трансплатациите, кажа Меџити.

На прашањето дали проф. Јовев ја порифатил неговата покана да биде дел од министерскиот кабинет како Национален советник за кардиохирургија, Меџити истакна дека не зборувале за тоа.

Во однос на сработеното за првите 100 дена од неговото министерување, Меџири истакна дека покачување на платите за сите вработени, лекари, сестри, лаборанти, болничари и хигиеничари за 2.000 до 3000 дена и зголемен надомест за дежурства од 125 до 166 отсто се само дел од ангажманот и успехот во работењето.

– Освен повисоки плати за докторите, реновиравме многу оддели, Центар за дијабетес, Одделот за гастроентерохепатологија, одел во Клиниката за ендокринологија, оддел на Клиниката за токсикологија, во Гостивар одделот за Педијатрија, Тетово ургентен центар- се само дел од клиниките кои се реновирани- рече министерот.