Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по лидерската средба, кажа дека премиерот Димитар Ковачевски му понудил да влезат во Владата, а цената да се плати со поддршка за уставни измени. Ковачевски ги поставил условите, а Мицкоски веднаш дал одговор на понудата.
„Разговаравме за предлози кои што ги даде Ковачевски, од кои би издвоил еден: тој предложи да во рамките на парламентот отпочне дискусија и се отвори, се изгласа потребата со 2/3 за промена на Уставот, а потоа да биде формирана Влада во која од десетте ресори кои ги менаџира СДСМ, пет да бидат дадени на ВМРО-ДПМНЕ, да бидат завршени уставните измени, да отпочне процесот на преговори за кои пред една година не убедуваа дека е почнат, а потоа да бидат затворени 1,2,3 поглавја зависно од брзината, а таа Влада да оди на парламентарни избори. На оваа понуда беше даден одговор: во ред, ја разбирам понудата и за истата го имам следниот став. ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да влезе во Влада со СДСМ, но без учество на ДУИ во таа Влада“, кажа Мицкоски.
Тој во детали го објасни дадениот одговор.
„ВМРО-ДПМНЕ е подготвен да учествува во истата, но избори организира техничка Влада, а уставните измени да важат од денот кога ќе отпочне ратификацијата на пристапниот протокол на Македонија во рамките на ЕУ од парламентите на 27 земји членки. Тоа тој го протоколува како кршење на преговачката рамка. Јас потоа му понудив да одиме на предвремени парламентарни избори на есен, формирање на влада со широко национално единствено каде нема да биде дел ДУИ и бидејќи ниту една земја членка нема против со македонскиот многувековен идентиет, традиција, култура, обичаи, македонскиот јазик, тогаш јас сум подготвен да разговарам со европски премиери, за да изгласаат потврда гаранција за ова што го збориме, па да видиме дали е тоа навистина така како што велат дека е, а со оглед дека и Бугарија има избрана Влада. И да дојдеме да кажеме дека Европа застанува зад многувековниот идентитет“, кажа Мицкоски.
За делот за добрососедството за кое разговарано, Мицкоски рече дека бара спроведување на одлуките од Стразбур кои се однесуваат на Македонците во Бугарија.
„Јас би сакал да бидам добар сосед со Бугарија и од оние 14 судски случаи во Стразбур, да одбере три Бугарија и тие да ги примени. Еве Бугарија нека бира, не ние. Од овие 6 кои се конечни, нека избере 3. Тогаш ќе речеме добро е, има позитивен ветер и нашинците во Бугарија ќе се почуствуваат дека некој од нивната матична држава стои позади нив. Тој (Ковачевски) не го прифати, бидејќи тоа е промена на преговарачка рамка. Но ние бараме пакет, грижа, а не е преговарачка рамка“, додаде Мицкоски.