Роберт Хенсен (79), поранешен агент на ФБИ, кој беше познат како најштетен шпион во историјата на САД, почина во затвор. Тој беше пронајден мртов во затворот со максимална безбедност во Колорадо вчера наутро, јавува Би-Би-Си.
На случајот на Хенсен работеле 300 агенти. Тој наводно добил повеќе од 1,4 милиони долари во готовина, дијаманти и пари депонирани на руски сметки.
Тој во 2002 година беше осуден на доживотен затвор за шпионажа.
Хенсен живеел во скромен четирисобен стан во предградието на Вирџинија со сопругата и шесте деца. Поради неговата контраразузнавачка работа, тој имал пристап до доверливи информации, па во 1985 година ја започнал својата криминална активност со испраќање материјали во Русија и поранешниот Советски Сојуз.
Хенсен, кој стана агент на ФБИ на 12 јануари 1976 година, го користел алијасот Рамон Гарсија кога комуницирал со Русите. Одвреме-навреме постоеше некаков сомнеж за неговата работа, но тоа не се откриваше со години, наведува Би-би-си.
Кога во 1994 година беше фатен шпионот Олдрих Хејзен Ејмс, ФБИ сфати дека информациите сè уште „протекуваат“ некаде, па вниманието беше насочено кон Хенсен. Бидејќи требаше да се пензионира, побрзаа да го фатат „со рака во теглата“.
За да го донесат во седиштето на ФБИ, каде што ќе го следат, добил лажна задача. Во јануари 2001 година почнува да работи во нова канцеларија, со скриени камери и озвучување.
Еден месец подоцна се дозна за пратката што требало да ја достави во паркот.
„Сакавме да имаме доволно докази за да го осудиме, но примарна цел беше да го фатиме на дело“, изјави Дебра Еванс Смит, поранешен заменик директор на Одделот за контраразузнавање на ФБИ.