Положи заклетва новиот црногорски претседател Милатовиќ

,,Се колнам дека должноста претседател ќе ја извршувам одговорно, чесно, совесно, правично и непристрасно, согласно уставот и законот на Црна Гора” – изјави Јаков Милатовиќ во текот на полагањето на свечената обврска .

На инаугурацијата присуствуваа најголем дел од лидерите на соседните земји.Дел од свечениот настан беа српскиот претседател Александар Вучиќ, членовите на Претседателството на БиХ, Жељка Цвијановиќ и Жељко Комшиќ, косовската претседателка Вјоса Османи и албанскиот премиер Бајрам Бегај, хрватскиот претседател Зоран Милановиќ. На свеченоста присуствуваше и поранешниот претседател на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ.

Милатовиќ рече дека ја презема функцијата во историски момент, ветувајќи дека ќе биде генератор на дијалог за постигнување консензус и забрзување на европскиот пат на Црна Гора.

„Мојата мисија е Црна Гора со еднакви можности за сите граѓани, во која напорната работа и образованието се главни фактори за успех во животот… Ќе бидам кохезивен фактор во заедничката борба за подобра Црна Гора. Градењето демократски институции е задача на сите“, рече новиот црногорски претседател.

Милатовиќ беше избран за петгодишен мандат на почетокот на април кога доминантно го победи Ѓукановиќ во вториот круг од претседателските избори.