Градоначалникот на Аеродром – Тимчо Муцунски и поранешната дополнителна заменичка-министерка за финансии – Гордана Димитриеска-Кочоска се новите потпретседатели на ВМРО-ДПМНЕ.
Ова вечерва го соопшти лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, по завршувањето на седницата на Централниот комитет.
„ВМРО-ДПМНЕ добива двајца нови потпретседатели. Тоа е Тимчо Муцунски, кој е универзитетски професор на Правниот факултет. Нов потпретседател е и Гордана Димитриевска Кочовска која е магистер по економски науки на УКИМ. Потпретседатели на ВМРО-ДПМНЕ продолжуваат да бидат досегашните Владо Мисајловски и Александар Николоски. Борци против оваа неправедна власт. Генерален секретар продолжува да биде Ѓорѓија Сајкоски, доктор на историски науки“ рече Мицкоски.
Тој истакна дека нов член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ е аналитичарот и долгогодишен граѓански активист Сашо Клековски.
Нова членка на Извршниот комитет е и Маја Кадиевска-Војновиќ поранешна вице гувернерка на Народна Банка на Македонија.
Во Извршниот комитет на партијата влегува и доктор Ристо Симеонов – специјалист по детска хирургија, како и доктор Мевмет Џафери од Маврово Ростуше.
Нови членови на Извршниот комитет се и пратениците Ели Панова која доаѓа од Струмица, Миле Лефков од Кочани, Луке Галески, актуелен директор на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, а од вечерва нов член на извршниот комитет е и актерот Зоран Љутков, од Велес.
Место во Извршниот комитет има и за Марија Митева, актуелна портпаролка на ВМРО-ДПМНЕ.
Членови на Извршниот комитет остануваат да бидат Антонио Милошоски, Дафина Стојановска, Драган Ковачки, Рашела Мизрахи, Олга Лозановска, Трајко Славески, Влатко Ѓорчев, Кирил Пецаков, Марија Андоновска, Сергеј Попов, Жаклина Пешевска, Мане Јаковлевски и Никола Мицески.
Нов секретар за меѓнародна соработка е Стефан Андоновски, а нов шеф на кабинетот на Мицкоски ќе биде Владимир Нелоски.