Маричиќ: Подготвени сме да разговараме за Бугари во нашиот Устав, ама за јазикот – нема отстапки

Никакви задршки околу македонскиот јазик не смее да има во преговарачката рамка затоа што сметаме дека имаме право на тоа. Бугарија има своја позиција во однос на македонскиот јазик, но ќе видиме каков однос ќе изгради таа кон преговарачката рамка и кон тоа прашање, но тоа е предмет на разговори и преговори“. Ова синоќа го изјави вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ на тв Сител.

Тој вели дека нема друга црвена линија освен таа дека нема да отстапат околу тоа дека имаме право да говориме македонски јазик и тој да биде еден од нашите обележја.

„Важно е за нас да не стане процесот на европеизација, процес на билатерализација или процес на оптоварување на преговарачката рамка со билатерални прашања“ – рече Маричиќ, додавајќи дека важно е и ние, како и Бугарија, да имаме гаранции за работите кои ќе ги договориме.

Најави дека деновиве со премиерот Ковачевски и со министерот за надворешни работи Бујар Османи ќе одат во Брисел на повеќе средби.

„Ние ќе се поставиме принципиелно дека сакаме да останеме приврзани за обврските кои ќе ги договориме, сакаме да имаме гаранции дека и Бугарија ќе ги спроведува и сакаме да се најде во преговарачката рамка само она што одговара на европските вредности“ рече Маричиќ.

За внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав, министерот за правда вели дека во моментот кога ќе се отвори постапката како Влада се подготвени да разговараат за внесување на хрватската, црногорската и бугарската заедница во Уставот, бидејќи не гледаат концептуален или политички проблем во нашиот систем да бидат вклучени во Уставот.

„Тоа дали ќе ги прошириме на уште три или уште пет, концептуално за нашиот политички систем не е никаков проблем. Подготвени сме до членството во ЕУ да го отвориме ова прашање и да го заокружиме како работа на нашиот систем со тоа што ќе ги внесеме и овие три заедници“ – рече Маричиќ.