(ВИДЕО) Во Трилинг со режисерот Пројковски, министерот Андоновски, и Маџов, основач и претседател на Стартап Македонија

Во новото издание на магазинот „Трилинг“ гостуваат режисерот Дејан Пројковски, министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски и основачот и претседател на Стартап Македонија Игор Маџов.

Во новото издание на магазинот „Трилинг“ гостуваат режисерот Дејан Пројковски, министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски и основачот и претседател на Стартап Македонија Игор Маџов.

„Пробите се целодневни, работиме под полна пареа. Наближуваат датите за премиерата. Мјузиклот се роди многу интересно. Се прашавме што е она важно за Македонија и регионот. Така стигнавме до Влатко Стефановски и се она што има направено.

-Сега сметам дека заедно со Венко Андоновски, неговото либрето, кореографот Олга Панго, со Бобан Мирковски, Ана Костова, создаваме еден продукт за кој што сум убеден дека ќе биде регионален културен настан. Веќе имаме покани за гостување во регионот и нашите планови се да бидеме активни, а се надевам дека од есенва ќе следува и голема турнеја“ , вели за „Трилинг“ режисерот Дејан Пројковски, говорејќи за тимот собран околу проектот „Као Какао“.

Пројковски додава дека она што е важно за овој мјузикл е што се има автентична, скопска приказна која ја содржи духот и времето на старото Скопје.

„Низ многу љубов, страст, емоции, мислам дека ќе направиме еден мјузикл со којшто заедно со публиката ќе се радуваме заедно“, вели Пројковски.

Режисерот го спомнува и Битер Брук и цитира:

„Театарот е само кога еден гледа и еден игра“.

„Најскапата претстава е лошата претстава. Лошата претстава, и да потрошиме еден денар, таа никогаш нема да го врати. Човештвото константно создава проблеми и војни кои стануваат терет на некои идни генерации.

-Мислам дека доаѓа времето кога треба да престанеме да го чекаме Годо. Годо никогаш нема да дојде и треба некако да се фокусираме на она што се вика секојдневна радост и смисла на животот“, вели режисерот Дејан Пројковски.

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски вели дека во ИКТ секторот се забележува раст, кој сепак е намален.

„Постои некој вид на стагнација во приватниот сектор. Решението коешто јас сметам дека треба да го бараме е во специјализирање во сајбер безбедност и специјализирање на паметно користење на ВИ“, изјави Андоновски.

Околу политичкиот дел, каде уставните измени се дел од започнувањето на преговорите на Македонија со ЕУ, Андовски вели дека тој пат ќе започне кога државата ќе биде сигурна дека никој нема да може да не блокира.

„Сметам дека мора да имаме чувство на сигурност дека тој процес кога ќе почне и ќе заврши. Сѐ уште постои чувство на оправдан страв дека ако ние влеземе во уставни промени денес, и ги започнеме преговорите утре, со сигурност Бугарија ќе го блокира крајот на нашиот пат кон евроинтеграциите“, вели Андоновски и додава дека е потребен поттик, или посредништво од ЕУ кај бугарската страна за да седне на масата и да разговара.

„Имаме отпор од страна на Бугарија воопшто да дискутира за сигурноста на нашето пристапување кон ЕУ, и има изјави од одредени бугарски министерства дека ние сме северномакедонци.

-Ние сме Македонци дури и по Договорот од Преспа. Значи дури и Договорот од Преспа не не прекрсти во северномакедонци како луѓе“, смета министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.

„Оние бизниси кои ќе внесат Вештачка интелигенција ќе ја менуваат економијата. Тоа се сите бизниси кои ќе продолжат да работат на осигурување на продолжен живот на човештвото – медицина, финансии, храна. Тоа се оние кои ќе останат засекогаш. Прашањето е како се делува, како функционира бизнис светот во ова време. Оние коишто брзо ќе ја прифатат Вештачката интелигенција се оние кои ќе избијат први во своето функционирање “, изјави за „Трилинг“ основачот и претседател на Стартап Македонија Игор Маџов, околу тоа кои се новите бизниси кои би ја менувале македонската економија.

Маџов смета дека ВИ ќе придонесе за економскиот развој, а на прашањето дали тоа би придонело на нов цивилизациски шок, како што е згаснување на одредени професии, тој дава неколку примери.

„Се сеќаваме низ историјата од првото внесување на електрификацијата, и струјата како ги има заменети некои занаети коишто веќе не ни знаеме дека постоеле. Потоа дојде интернетот кој направи нови милионери, и ова што се случува е технолошки скок, или ние викаме Индустрија 5.0, каде ВИ преводи и го менува начинот на кој светот функционира.

-Затоа можеме да кажеме дека ВИ е тука за да го подобри функционирањето на човекот. Да ги подобри оние работи коишто се репетитивни и не сакаме како човештво да ги работиме, а оние работи кои сакаме да ги работиме – креативноста, уметноста, кои се навистина човечки, да дојдат до израз“, вели Маџов.

Според него, несомнено е дека корективниот фактор е човекот.

Погледнете го целото издание на „Трилинг“