Здравствените работници во Грција кои не се вакцинирани против Ковид може да останат без работа
По 31. март годинава може да останат без работа сите невакцинирани здравствени работници во Грција кои веќе неколку месеци се на принуден одмор, поради воведената задолжителна вакцинација.
Според министерот за здравство на Грција сè уште не е донесена конечната одлука.
На 31 март истекува мерката здравствените работници кои не се вакцинирани да бидат на принуден одмор, а дотогаш одново ќе се разгледа, дали ќе се продолжи истата мерка или пак ќе се донесе одлука да не бидат дел од здравствениот систем.
„Како министер излегов со став и препорачав оние кои не се вакцинирани, по 31 март, не само да останат на принуден одмор, туку треба и да не можат да ги даваат нивните услуги на националниот здравствен систем. Но, очигледно тоа ќе биде одлука на централната власт. Ако предлогот за кој говорам биде прифатен, тоа значи дека невакцинираниот здравствен работник нема да има основна формална квалификација да ја дава услугата и автоматски, не станува збор за отказ, туку самиот се става надвор од националниот здравствен систем. Друго решение не постои“ изјави министерот за здравство на Грција.
Од следниот понеделник, ќе престане да важи сертификатот за вакцинација на сите полнолетни граѓани кои се вакцинирале пред седум месеци, а сè уште не примиле бустер доза и автоматски ќе се сметаат за невакцинирани.