Прегазен пешак кај мостот „Гоце Делчев“ во Скопје

Денеска во 11:25 часот во полиција било пријавено дека кај мостот „Гоце Делчев“ патничко моторно возило марка „бмв“ со кумановски регистарски ознаки удрило во пешак. По несреќата пешакот починал на местото на настанот.

Лекар од Итна медицинска помош само ја констатирал смртта.

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје изврши увид и презема дејствија за утврдување на фактите за настаната тешка сообраќајна несреќа во близина на мостот „Гоце Делчев“ во центарот на Скопје.

Оттаму информираат дека првичните сознанија упатуваат дека до несреќата дошло кога автомобилот удрил во пешак кој ја преминувал улицата во непосредна близина на мостот.

„По наредба на јавен обвинител ќе се врши обдукција на телото на починатиот, а од лицето кое управувало со автомобилот земени се примероци од крв и урина за да се утврди евентуално присуство на алкохол или други недозволени средства. Со наредба на јавниот обвинител ќе бидат обезбедени и снимките од видео надзорот на околните објекти со цел да се утврдат причините за несреќата“ – се наведува во соопштението.

Дежурниот јавен обвинител издаде наредба и за технички преглед на автомобилот.​​