Застанаа возовите во земјава, железничкиот сообраќај е во прекин

Од утринава од 7 часот патничкиот и товарниот железнички сообраќај во земјава е во прекин, поради бојкот на машинскиот и извршниот персонал во „Железници – Транспорт“.

Претставникот на машинскиот персонал, Душко Чакаровски рекол дека причина за бојкотот е неисплатениот втор дел од декемвриската плата. Тој се повикал на одлуката од 2. ноември 2021 година, според која, машинскиот и извршниот персонал нема да ги извршува работите ако платата за претходниот месец не биде во целост исплатена до 25-ти во тековниот месец.

„Се повикуваме на оваа Одлука и поради тоа не ги извршуваме работите. Веднаш ќе продолжиме со работа кога ќе ни се исплати вториот дел од декемвриската плата“ рече Чакаровски.

Машинскиот и извршниот персонал во „Железници – Транспорт“ бара и исплата на материјалните трошоци до 10. во тековниот месец.