Барањето за укинување на Пржинската влада прво оди на превод, па пред пратениците

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ – Никола Мицевски денеска побара дополнување на дневниот ред во Собранието, пред почетокот на седницата со предлог-закон за изменување на законот за Владата на Република Македонија по скратена постапка.

„Врз основа на член 71, став 1 од Уставот на Република Македонија и членовите 132, 137 и 170 од Деловникот, барам оваа точка да биде дополнета од една и единствена причина. Со предлогот за изменување на законот за Владата на Република Македонија се тргаат одредбите кои се однесуваат на начинот на функционирање на владата или т.н. Пржинска влада, односно 100 дена од формирањето на Владата, поставување на нејзините министри и заменици министри, како и начинот на нејзино функционирање“ – рече Мицевски.

Спикерот, Талат Џафери образложи дека предлог-законот е доставен во Собрание, не е дистрибуиран до пратениците затоа што во моментов е во превод и додаде дека многу брзо ќе се преведе од службите.

Тој потсети на законските рокови и процедури и рече дека сега нема предуслови да се стави на гласање.

Џафери соопшти дека во текот на вчерашниот ден го добил предлог-законот, кој е доставен на превод, а потоа ќе се додели на пратениците и ќе почне процедурата.