Мијалков е слободен за случајот „Тортура“, потврдија од скопска Апелација

Апелацискиот суд Скопје денеска објави дека се потврдува ослободителната пресуда донесена од Основниот кривичен суд за екс директор на УБК, Сашо Мијалков, но и за припадниците на поранешната полициска единица „Алфи“ во судскиот случај „Тортура“.

„Советот на Апелациониот суд Скопје утврди дека првостепената пресуда е јасна, разбирлива, подобна за испитување, не содржи суштествени повреди на одредбите на ЗКП, а фактичката состојба е правилно утврдена, при што првостепениот суд утврдил поинаква фактичка состојба од изложената во поднесениот и прецизиран обвинителен акт на Основното јавно обвинителство Скопје“ – соопштија од Апелација.

Кривичниот суд ослободителната пресуда ја донесе на 23 јули 2021 година, по што следуваше жалба од скопското Основно јавно обвинителство (ОЈО), а, пак, Вишото обвинителство ѝ предложи на Апелација да ја отфрли жалбата и да ја потврди ослободителната пресуда за овој случај.

Предметот „Тортура“ беше за начинот на апсење на лидерот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски, на 6 јуни 2011 година, ден по тогашните парламентарни избори.

Според обвинителството, при апсењето на Бошкоски имало мачење. Тој не давал отпор, а била употребена полициска сила, бил легнат на земја во близина на полски тоалет кај ресторанот „Воденица“ во Скопје, бил враќан за да го снимаат телевизиските камери со цел јавно да го омаловажат, а сето тоа предизвикало психичко страдање.

Мотивот, според обвинителството, бил политички реваншизам.

На обвинителна клупа освен Мијалков беа и поранешниот командант на „Алфите“ Ивица Анчевски – Пуки и петмината тогашни припадници на оваа полициска единица.

Кога Кривичниот суд ја донесе пресудата, судијката Александра Ристеска, рече дека Обвинителството не докажало надвор од основано сомнение дека тие се виновни за делот мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување.