Ковачевски: Не е точно дека некои пратеници од СДСМ нема да ги поддржат уставните измени

Премиерот Ковачевски нема поединечно да ги убедува пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да гласаат за уставните измени, а вели дека не е опција ниту лидерска средба со претседателот на партијата Мицкоски. Тој тврди дека во редовите на опозициската партија има разногласие во однос на прашањето дали треба да се продолжи со евроинтеграциите преку вметнување на Бугарите во Уставот..

„Лидерска средба кажав нема да има, свикана од мене, со оглед на тоа дека во овој момент нема потреба од такво нешто. Одвоени средби јас ниту сум практикувал, ниту практикувам, ниту ќе практикувам. ВМРО – ДПМНЕ мора да одлучи дали тоа што го зборува по амбасади, дајте ни власт, и безусловно ќе го промениме уставот, ќе го каже и пред народот, односно дали ги лажат амбасадите или го лажат народот. Прво тоа прашање мора да го одговорат, како раководство па потоа да можеме да продолжиме со дискусијата“ – рече Ковачевски.

Ниту сопствените пратеници не му веруваат на Ковачевски, деветмина од СДСМ се против уставни измени, а еден од ДУИ бара пари за да гласа- одговорија од опозициската партија..

„ВМРО-ДПМНЕ има јасен став, дека промена на Уставот под бугарски диктат нема да прифати, и не знаеме дали Ковачевски има проблеми со слухот или халуцинации. Дали пратеници од СДС, поточно 3 од првата и втората изборна единица кажале дека ако се овие уставни измени на маса нема да ги гласаат, и дали 6 пратеници од внатрешноста им рекле дека уставните измени се најлошото нешто што може оваа влада да го направи“ – стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Ваквите наводи според премиерот се неточни, а шефот на дипломатијата Бујар Османи пак оцени дека на темата уставни измени Мицкоски градел политичка кариера. Откако ќе се објават амандманите за промена на уставот, граѓаните ќе се уверат дека во нив нема ништо лошо, порача Османи.

„Сакаат да прават политички кариери, тоа не е чесно кон своите избирачи и граѓани, сум оптимист и мислам дека Мицкоски на крај ќе излезе поразен. До ноември ако не се завршат, преговорите прекинуваат со сите административни и психолошки последици. Тоа значи пак ќе останеме изолирани во наредните 10 години за некаде во 2033 ги направиме уставните измени, меѓутоа возот отишол, луѓето избегале во Германија да работат, надежта е убиена во земјава, а треба само да се потврди тоа што го има во Уставот. Во категоријата “други” се и Бугарите“ – изјави Бујар Османи.