И Македонија ја стопира БСЖ вакцината по несаканите ефекти во неколку случаи во Хрватска

Во изминатите десет години до МАЛМЕД е пристигната само една пријава за сомнеж на несакана реакција од БСЖ вакцина

Во однос на информациите од хрватските медиуми за несакани реакции од вакцина БСЖ, веднаш заседаваше Комисијата за имунизација во рамки на Министерството за здравство.
Имајќи предвид дека станува збор за ист производител, веднаш е контактирана Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД) и се побарани информации за сериите на вакцини што се користат во нашата држава.
Потенцираме дека имунизацијата со оваа вакцина во нашата држава е задолжителна имајќи предвид дека земјата е со висок ризик од туберкулоза.
Во моментот, на Институтот за ТБЦ има 95 пациенти со туберкулоза од кои 83 се од годинава, а во Детската болница Козле во 2025 се евидентирани 15 случаи, а во 2026 се евидентирани 12 нови случаи.
Врз основа на наведеното, Комисијата за имунизација донесе заклучок за времено одложување на имунизацијата со оваа вакцина до добивање комплетни информации во однос на сериите, нивниот квалитет и асоцираноста со појавата на несакани реакции.
Воедно, потенцираме дека во изминатите десет години до МАЛМЕД е пристигната само една пријава за сомнеж на несакана реакција од БСЖ вакцина (во август 2022 година), која се однесувала на појава на апцес на местото на апликација на вакцината, што како реакција е опишано во упатството за употреба на вакцината.
Претходно објавивме дека во Хрватска привремено е суспендирана примената на БСЖ-вакцината што ја примаат новороденчињата за заштита од тешки форми на туберкулоза, откако годинава биле пријавени четири случаи на ретка несакана реакција која ги зафаќа коските.

По барање на Хрватската агенција за лекови и медицински производи (ХАЛМЕД), дистрибутерот „Медикал интертрејд“ ги запре дистрибуцијата и примената на сите серии БСЖ-вакцини од бугарскиот производител „Бул Био НЦИПД Лтд“.

Според податоците на Хрватскиот завод за јавно здравство (ХЗЈЗ), кај четири мали деца е пријавено сомнение за остеитис или остеомиелитис, односно воспаление на коските предизвикано од БСЖ-вакцината. Сите деца биле вакцинирани во 2024 и на почетокот на 2025 година со вакцина од истиот производител, а во последните десетина години не бил регистриран ниту еден таков случај. Додека вакцината била во употреба, од две серии биле применети околу 60.000 дози.

Со оглед на тоа што ризикот од тешки форми на туберкулоза кај малите деца во Хрватска веќе подолго време е многу низок, таквата зачестеност на оваа сериозна несакана реакција не ја оправдува нејзината универзална примена. Бидејќи во моментов нема друга достапна вакцина, децата до понатамошно известување нема да се вакцинираат со БСЖ-вакцина во породилиштата. Од ХЗЈЗ истакнуваат дека здравјето на децата не е загрозено, бидејќи Хрватска од 2017 година е земја со ниска инциденца на туберкулоза (помалку од десет заболени на 100.000 жители), а од 2011 до 2025 година не е регистриран ниту еден случај на туберкулозен менингитис кај деца.

Родителите на децата кои ја примиле повлечената БСЖ-вакцина не треба да преземаат посебни мерки ниту да ги носат децата на превентивни прегледи доколку немаат симптоми. Несаканата реакција се појавува од неколку месеци до неколку години по вакцинацијата, во просек по околу една година, па еднократното снимање не би можело да го исклучи нејзиниот подоцнежен развој.

Од ХЗЈЗ советуваат родителите да внимаваат на подолготраен или постепен оток во пределот на коските или зглобовите, болка, ограничено движење, куцање или избегнување потпирање на раката или ногата, кои обично не се проследени со висока температура. Доколку се појават вакви симптоми, детето треба веднаш да се однесе на педијатар и да се нагласи дека ја примило БСЖ-вакцината.

Доколку се открие рано, БСЖ-остеитисот или остеомиелитисот се лекува успешно со антитуберкулотици (понекогаш со мала хируршка интервенција) и коската целосно закрепнува. Но, доколку не се препознае навреме, заболувањето може да предизвика трајни деформации и прекин на растот на коската.