Жрепка за четвртфинале во фудбалската ЛШ, дербито е Сити – Баерн

Денешната ждрепка во Нион малку ги скрши соништата на најуспешната фудбалска нација во натпреварите на УЕФА оваа сезона. Италијанците сонуваа дека, можеби, ќе гледаме финале во Лигата на шампионите два претставника од Серија А, имајќи предвид дека три од осумте екипи беа италијански, но такво нешто не е возможно.

Ждрепката нареди така што сите три екипи од „Чизмата“ се сместени во долната половина од натпреварувачката шема и би се истребиле меѓусебно дури стигнат до финалето. Милан и Наполи е првата италијанска пресметка, а победникот од нив може да се соочи со Интер, ако тој биде подобар од Бенфика.

За оние Италијанци што сакаат да ја гледаат чашата секогаш полу-полна, ова можеби ги спречи да имаат италијанско финале, но ги направи шансите 3:1 дека ќе имаат, барем, една екипа во завшниот меч за пехарот.

Англичаните беа втората нација со повеќе од една екипа во четвртфиалниот состав, но и кај нив ситуацијата е иста. Манчестер сити и Челси може да се соочат најмногу во полуфиналето и само една од нив да стигне на 10 јуни во Истанбул.

Италијанските екипи имаат 12 титули во ЛШ (КШ) и имаат одиграно 28 финалиња, но само еднаш во историјата се случило финале меѓу два нивни претставника. Во 2003 година, Милан го совлада Јувентус на „Олд Трафорд“ и тоа на пенали, откако по 120 минути беше 0-0. „Сеанглиски“ финалиња сме гледале почесто, двапати само во последнава деценија, Челси – Ливерпул во 2021 и Ливерпул – Тотнем во 2019, како и Манчестер јунајтед – Челси во 2008.

Во последнава деценија имаше и две шпански финалиња (2016 и 2014) и едно германско (2013).