Си Џинпинг на 20 март во посета на Москва – главна тема е дискусија за стратешката соработка

Кинескиот лидер Си Џинпинг следната недела ќе ја посети Русија на покана на рускиот претседател Владимир Путин, се наведува во соопштението на кинеското Министерство за надворешни работи.

„На покана на претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин, претседателот Си Џинпинг ќе престојува во државна посета на Русија од 20 до 22 март“, рече портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи Хуа Чунјинг.

Тоа ќе биде прва посета на Си на Русија откако Путин ја нападна Украина минатата година.

Кремљ потврди дека посетата ќе се одржи, велејќи дека двајцата лидери ќе разговараат за „стратешка соработка“.

„За време на разговорите ќе бидат разгледани актуелните прашања за понатамошен развој на сеопфатните партнерски односи и стратешката соработка меѓу Русија и Кина“, соопшти Кремљ.

„Планирана е и размена на мислења во контекст на продлабочување на руско-кинеската соработка на меѓународната сцена“, додаваат од Кремљ.