Лукаревска: Не се плашиме од избори, европскиот сон ќе ни стане стварност

Не се плашиме од избори и тие ќе се одржат во редовниот термин во 2024 година, рече потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска во гостувањето во Канал 5 телевизија. Таа рече дека коалицијата предводена од СДСМ ќе остане на патот кон прогресот и ќе продолжи да работи на остварување на европскиот сон.

-Остварувањето на европскиот сон не треба да не плаши. Таму има функционирање на системот и функционирање на правната држава. Тоа не треба да не плаши, рече Лукаревска.

Прашана дали Бугарија може повторно да не блокира на патот кон ЕУ и покрај тоа што бил сменет Уставот кај нас, Лукаревска одговори дека земјава преговара со Брисел, а не со Бугарија, каде што очекува да преовладаат прогресивните сили.

Според потпретседателката на СДСМ, во земјава има два концепти – еден за ЕУ и друг за враќање назад.

-Сите оние коишто длабоко во себе и сакаат добро на државата треба да застанат на патот за ЕУ. Суштината и реалноста е таа. Борел зборуваше за европерспективата, тие ни се ветер во грб. Фон дер Лајен повтори дека местото на Западен Балкан е во ЕУ. Ако сами сакаме да си ја сечеме гранката на која седиме не знам што воопшто да помислам, рече Лукаревска, повторувајќи блокадата е дамнешен систем кој веќе не се употребува.