Во Струмица беше одбележана 19-годишнината од смртта на претседателот Трајковски

Во родниот крај Струмица на поранешниот претседател Борис Трајковски беше одбележана 19-годишнината од неговата смрт. Пред споменикот „Македонија“ подигнат во негова чест, членови на семејството Трајковски, пријатели, претставници на локалната самоуправа, политички партии и здруженија на граѓани положија цвеќе. Градоначалникот Костадин Костадинов порача дека претседателот Трајковски беше државник со многу доблести, но пред сè човек во вистинската смисла на зборот.

„Токму затоа велиме дека на денешен ден пред 19 години, изгубивме роднина, пријател, познаник, сограѓанин и претседател, кој со ретко видена мудрост и трпеливост четири години ја вршеше највисоката државничка функција во земјата. Неговото раководење со земјава во еден извонредно тежок, сложен и сензитивен период за државата, остави неизбришливи траги во современата македонска историја. За него интересите на државата и интересите на граѓаните беа секогаш во преден план. Омилени дестинации му беа македонски градови и села, воспоставувајќи искрени и топли релации со граѓаните, но не збораваше и на релациите со високите државнички имиња од голем број земји од сите светски меридијани,“ рече Костадинов.

фото: МИА

Венци пред споменикот положи и владина делегација предводена од министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска и Борче Хаџиев, директор на Бирото за јавни набавки, како и членови на Европската федерација на карневалски градови (FECC), која престојува на Струмичкиот карневал.

фото: МИА

Годишнината од смртта на претседателот Трајковски денеска се одбележува и на гробиштата во Бутел во Скопје, како и во местото Ротимље, близу Мостар, каде што се случи авионската несреќа.