
Обилни врнежи од дожд во крајбрежните области во југоисточен Бразил предизвикаа поплави и лизгање на земјиштето во кои загинаа 36 луѓе, а неколку стотици од нив останаа без своите домови, соопштија локалните власти.
Владата на сојузната држава Сао Паоло потврди дека 36 лица загинале, а стотици ги напуштиле своите домови или останале без покрив над главата по обилните дождови кои го погодија брегот.
Гувернерот Тарцисио де Фреитас во понеделник ќе се сретне со федералните власти за да ја координира помошта за луѓето погодени од трагедијата, се вели во соопштението. Федералната влада нареди неколку министерства да им помогнат на жртвите, да ја обноват инфраструктурата и да започнат со реконструкција.
Сао Паоло прогласи 180-дневна вонредна состојба во шест градови поради екстремните временски услови
Пристаништето Сантос, најголемото во Латинска Америка, е затворено поради силните ветрови и брановите од над еден метар, јавија локалните медиуми. Спасувачките служби продолжуваат да трагаат по жртви, ги обновуваат врските меѓу изолираните заедници и расчистуваат патишта, иако некои се сè уште блокирани, па многу туристи не можат да дојдат на карневалот.
Бразилскиот претседател Инасио Лула да Силва објави на социјалните мрежи дека денеска ќе ги посети најтешко погодените области.
Според Ројтерс, временските прогнози најавуваат продолжување на обилните врнежи.